Шлапатало @shlapatalo

@blokirame: Кој е „чичко“ #ДонирајКомпјутер?

@shlapatalo: Чичко #ДонирајКомпјутер е Борче Стаменов, скромен дечко од Кавадарци, кој е голем љубител на природата и секоја прилика ја користи да прошета по некое зеленило со пријатели кои се расположени за тоа. Пред некое време открив нова страст и почнав ново хоби, а тоа е фотографија. Минатата година купив еден дигитален фото-апарат и многу често „штракам“ на секаде. Инаку, деновиве слободното време претежно го поминувам дома, гледајќи некоја од актуелните серии, филмови и слушајќи добар звук. Едноставно на Боре никоаш не му е досадно.

@blokirame: Кои серии ги следиш? Каква музика слушаш и кои бендови ти се меѓу омилените?

@shlapatalo: Вистинското прашање би било што не следам. Гледам свашта, но сакам да е квалитетно. Без разликата дали се тоа серии или филмови. До пред две години имав и страница на која секојдневно ставав популарни серии и филмови, но со зголемените обврски со донациите и стравот да не ме уапсат за ширање пиратерија, прекинав. Сакам заврзлами. Трилери и фини драмици повеќе. Да скратам не постои ниту филм, ниту серија на која и неам дадено шанса. Коа се праи муабет за музика прилично сум расфрлан и забегувам во жанрови. Секоаш зависи и од расположението. Утрата строго ги почнувам со Колтрејн, Дејвис, Еванс. На работа строго Металика, Мегадет, Дрим тиатер, Поркјупин Три и слични. После работа се префрлам на Дебиси, Мусоргски, Сати. Па забегувам со филмска музика од Зимер, Џејмс Њутн Хаурд, Дејвид Арнолд. Пред спиење фиксно Мејден, Анајолетр, Џудас, Цепелин, Рејџ, Пантера! Ова е секојдневна борба и нормално секоаш сум у муд за нешто ново, мада у задње време новото не ме импресионира баш.

@blokirame: Што те инспирираше и мотивираше да ја започнеш цела оваа хумана акција?

@shlapatalo: Оваа акцијата е нешто што од секогаш сум сакал да го правам, да споделувам среќа со луѓето! Сè започна при крајот на 2016 година. Дојде една самохрана мајка да ме праша случајно да не имам некој половен компјутер за нејзините три дечиња. Наши клиенти многу често оставале застарени компјутерски конфигурации кои не можат одговорат на нивните потреби, а јас ги чував во еднен агол во магацинот во компанијата каде што работам. Се сетив на старите компјутери и веднаш им составив еден комплет, а потоа им го доставив во нивниот дом. Неизмерната среќа на дечињата беше толку голема за сè да застане таму! Значи нема ништо поубаво од тоа да делиш среќа. Едноставно нема! Мене не ме поврзува никаква лична причина, туку ме мотивира тоа што со малку вложен труд можам многу да им помогнам на луѓето, барем на некој начин. На некој што не го познавам, колку-толку да му овозможам нешто неопходно за да може да функционира нормално во животот. И тргна „возот“. Првите 20 донации ги дадов за околу 2 недели. Сите се дадоа во семејства на пријатели кои имаат некој кој едноставно не е финансики способен да си обезбеди било каков компјутер.

@blokirame: Сите кажуваат дека секој почеток е тежок. Каков беше твојот почеток со #ДонирајКомпјутер?

@shlapatalo: До сега, ако замислам нешто вложувам максимални напори за тоа да го остварам. Јас, по природа, сум инаетчија. Кај мене нема ‘тешко ми е’ и ‘не можам’. Едноставно нема трте – мрте! Првиот пат напишав објава на мојот Фејсбук профил и искрено не очекував дека воопшто ќе се појави некој. Во објавата објаснив кои луѓе се цел на таа акција. Знаев дека повеќето од примателите на донации нема да сакаат да се појават поради одредени разбирливи причини, па нагласив дека воошто не мора сами да го земаат компјутерот. Тоа беше и некој вид на потешкотија на самиот почеток. Но, на мое големо задовослтво се појавија луѓе и бев изненаден од одзивот. Првите десетина компјутери беа дадени за неколку дена. Потоа, ми се случи да имам веќе неколку подготвени компјутери за донирање, а немаше на кого да ги дадам. Контактирав луѓе од образованието и успеав да ги доделам на места каде што навистина е потребно да има компјутер како средство за нормално образование и едукативен развој на децата. Свесни сме дека веќе неколку години повеќето обврски во училиштата се работат на компјутер и навистина им е неопходен.

@blokirame: Колку членови брои екипата на #ДонирајКомпјутер?

@shlapatalo: Па сега за сега сме јас, Борче и чичко #ДонирајКомпјутер. Нормално дека се шегувам. До сега не сум имал екипа и #ДонирајКомпјутер е акција која е организирана спроведена од еден човек. Но ако ја погледнеме големата слика секој кој некогаш донирал барем и најситен компјутерски дел е учесник во #ДонирајКомпјутер. Според тоа можам да кажам дека учесници во #ДонирајКомпјутер моментално се 2 милиони граѓани со една хумана цел. Има луѓе кои се понудиле за помош, но јас сум перфекционист и имам своја шема на функционирање. Ако дојде било кој да може да ми ја поремети и ќе треба да се караме. Јас сакам секоја работа за која се нафаќам да ја завршам така што ќе биде совршена и без грешки. Значи, ќе треба наскоро да се клонирам! Но, како поминува времето ќе ми биде потребна помош и се разбира дека некој ќе ми се придружи во мојата мисија. Сепак тоа ќе мора да биде личност на која ќе можам потполно да и верувам.

@blokirame: Како функционира целиот процес за донирање компјутер? Како може да те контактираат?

@shlapatalo: Цела таа операција се одвива преку страницата „Донирај Компјутер – Борче Стаменов@donirajkompjuter која ја направив на ФБ. Таму контактирам со сите. Секој од примателите на донација е должен да ми достави потврда за социјалната состојба во која се наоѓа. Односно, потврда од социјално за социјална помош, самохран родител, невработеност и слично. Без некој  од овие потврди едноставно јас не можам да донирам компјутер. Додека, оние кои имаат опрема за донирање добиваат мои податоци кои им се потребни за да ја достават истата. Со некои правиме и договори за донација за кои имам голема поддршка од невладината огрганизација „Зона“ од Кавадарци. Понекогаш доставата ја правиме со карго, а понекогаш самите тие доаѓаат до Кавадарци и ја оставаат. Тоа е уште една работа која ми е посебно омилена. Луѓе кои не ги познаваш дошле од некој крај на Македонија само за да ти остават едно пакетче. Го даваат за некој кој не го познаваат. Не можам ни да ви опишам колку ми е мило што го почнав ова и инспирирав огромен број граѓани да се вклучат! Како што спомнав погоре, се работи за доверба и тоа е условот кој мора да се исполни. Компјутерите до крајните приматели се праќаат бесплатно, благодарение на карго службата „Еко Логистик сервис“.

@blokirame: Освен Фејсбук, дали луѓето и компаниите може да те контактираат и на твитер?

@shlapatalo: Луѓето и ме контактираат на твитер. Никој не останал со неодговорено прашање, бар така мислам? Гледам на сите да им излезам во пресрет и да помогнам онлку колку шо ми се можностите. Една од најголемите донации (120 парчиња опрема) беше договорена токму на твитер и тоа не е единствената.

Шлапатало

@blokirame: Дали си се соочувал со некави препреки во периодот од почетокот до денес?

@shlapatalo: Секако! Имаше еднаш обид да ме заплашат со тоа што ќе ме пријавеле дека инсталирам нелиценциран софтвер на самите компјутери. Но се повлекоа кога видоа дека на 90% од донациите впрочем инсталирам лиценциран софтвер и компјутерски алатки кои се бесплатни за користење За нетрпението на луѓето морам да признаам дека го има. Тоа се исклучоци но ги има. До некаде ги разбирам дека им се потребни компјутери, но и тие треба да ме разберат дека сепак јас пред акцијата имам работни обрврски кои морам да ги завршам како би ставил нешто да јадам кога ќе си дојдам дома. Исто имам фамилија на која треба да и посветам внимание и нормалнио тука се и пријателите. Но со убав збор со секој можам да се разберам и сепак секоја приказна среќно завршува. Огромен е притисокот, но со правилен распоред на време и обврски успевам се справам со сите предизвици. Научив да бидам и отпорен кон оние кои со потсмев и неверување гледаат на сево ова што го работам. На крај сфатив дека тоа се луѓе шо немаат со прст мрднато да направат промена со светот во кој живееме и едноставно ги ставав на игнор. Сепак делата кои се очиглени зборат многу појасно од нивните зајадливи коментари. Нормално тука се и оние кои прашуваат “а што имаш ти од ова?” па и нив ги ставам во ист кош. Луѓето на овие простори не се научени дека може да постои и човек кој не бара ништо за возврат и само сака секој поединец да добие поквалитетен живот.

@blokirame: Накој начин ти се заблагодаруваат примателите на донации од #ДонирајКомпјутер?

@shlapatalo: За мене доволно е едно обично “компјутерот пристигна, благодараме!”. Тоа е се што ми треба. У последно време луѓето снимаат и видеа, цртаат сликички, пишуваат песни. Некои ги објавувам, некои ги чувам за себе. Во #ДонирајКомпјутер нема да видите лице на човек кому му е дониран компјутер, никогаш. Некои сами се сликаат и си објавуваат, но тоа е нивни личен избор и јас нема да им приречам. Имаше и замерки зошто ја сум се сликал со донациите. Па еве да разјасниме и тоа: пошо сум убав бе и не сум женет, затоа 😀

@blokirame: Освен трите награди за НајКампања на Твитер, НајХаштаг на Твитер и Нај #СреќниСмеШтоТеИмаме Твитерџија/ка на #ТвитерНагради 2019, со гласање на твитер заедницата, дали си добил некакво друго признание за твојата хумана акција?

@shlapatalo:  По некој редослед одат вака:

– Благодарница од Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди од Кавадарци за успешна соработка (27.09.2017)

– Награда за филантропија “ОКО” од хуманитарната организација Хорус за Индивидуален филнатроп од Република Македонија (26.10.2018)

– Златен волонтерски сертификат од Младински културен центар Битола за континуиран волотерски ангажман во заедницата (05.12.2018)

– Благодарница од Хуманитарно здружение “Млади Хуманисти” од Битола за Најхуман човек на годината (20.05.2019)

@blokirame: Што прави Борче на професионален план?

@shlapatalo: Работам речиси 20 години во „Бидат информатика“. Во фирмата се занимаваме со изработка  и продажба на наш програмски ситем за книговодство и имаме голем број на клиенти кои го користат. Почнав како вработен задолжен за графичка обработка, но со тек на време можам да кажам дека научив да ги опслужувам сите работни места и можам да кажам дека сум незаменлив. Директорот на компанијата комплетно ме поддржува во тоа што го работам за акцијата #ДонирајКомпјутер и како и повеќето мои пријатели и роднини се гордее со мене. Самата акцијата воопшто не ми пречи во извршувањето на моите работни обврски. Нормално, работата е во прв план, но речиси секој ден останувам по 1 до 2 часа после работното време за да можам да подготвам некој компјутер и да го донирам. Пред некое време некој ме праша добро нели ти е смачено од компјутери и програми и преинсталции после цело тоа време? Јок! Многу си ја сакам работата и уживам во секој момент.

@blokirame: Што сакаш да ни кажеш, а ние не те прашавме?

@shlapatalo: Со цело срце им се заблагодарувам на сите оние кои донирале, за нивната несебичност, од мое, но и од име на оние што добиваат компјутер! Оваа акцијата ќе трае се додека има донации и сум одлучен дека нема да запре. Сметам дека во секој град има барем по една слична фирма која се занимава со сервис и продажба на ИТ опрема и која може да се вклучи во акцијата. Посакувам во иднина да се вклучат и практиканти во оваа акција со цел да научат и да помагаат во поправање и составување на уредите. Јас секогаш кажувам дека треба да се помага. Никој не знае што носи времето со себе. Во иднина може ти да имаш потреба од било каква помош. Многу е веројатно да ти излезе во пресрет баш некој на кој си му помогнал. Секој што сака може да се вклучи и придонесе. Ако во вашиот град нема, еве во Кавадрци има таква акција. И се уште трае, и ќе трае. Дури ако имате компјутер кој би можеле веднаш да го подарите, пишете ми. Ќе ви дадам контакти од цела држава каде има потреба од донација. Случајно ми излета еднаш ‘Од нас, за нас’, па ете дадете нешто од вас, за вас. Сепак, апел секој град да си направи своја. Јас моментално сето ова го работам сам. Заедно ќе бидеме сто пати посилни и подобри!

Прашања од Твитерџии:

Bob der Baumeister @dolnacrta: Како успева да среди толку многу компјутери а да не ја запостави примарната професија?

@shlapatalo: Мојата кариера се состои повеќе во надглед и решавање на проблеми од далечина (remote). Ретко со клиентите сме во директен контакт. Книговодствениот систем кои го имаме изработено и го користат околу 70-80 фирми не бара многу време за сервисирање, посебно ако го познаваш добро. Додека некои паузата ја користат за пиење кафе, јас за време на мојата пауза чачкам нешто од донациите и во исто време го шмркам кафето. И нормално пошо во секоја фирма нема 8 часа ефективна работа, секој слободен момент го користам да проверам/средам некоја донација. Инаку ќе ми биде досадно. Го распоредувам времето така да не се преморам, но и сепак да го искористам најдобро шо можам. Поддршка за ова имам и од директорот на кој не му пречи нашата фирма да биде спомната како општествено одговорна фирма, сепак ете и за просторот кој го користам не плаќам ќирија. А и знае дека каква задача и да ми нафрли, ќе ја завршам без фирмата да трпи последици 😉

Viko von Drom @vikohyeah: Колку компјутери се донирани до сега преку акцијата #ДонирајКомпјутер и која е целната бројка на донирани компјутери до крајот на оваа година?

@shlapatalo: До денес се поделени точно 483 компјутери низ цела држава. А целна бројка некоаш не постоела. Прво беше 20. Па станаа 100. Па си реков ај уште 100 и доста се. Сеа си викам терај до 500. Синоќа ми текна дека можам и до 1000? И оп, станав зависен од ширење добрина, сепак боље него на кока….кола!

 Milev4eK @iMileva: Доколку има потреба од помош, би сакала да знам каква и како да му се помогне?

@shlapatalo: Помош во моментов искрено не ми е потребна, но благодарам на понудата. Ако затреба не се срамам да побарам. #ДонирајКомпјутер ми е испеглана до најситен детал. Од примање, до комуникација, до бесплатна испорака на пратките. Ограничувам до 30 донации за две недели. Бројка кој без проблем можам да ја постигнам и при тоа никој да не чека предолго за да добие компјутер. Затоа, се што правам (добивање и праќање) еднаш дневно објавувам по социјални мрежи. Да знаат луѓето до каде сме стигнати и да нема непотребни прашања.

Viko von Drom @vikohyeah: Како ти текна да се потпишеш Шлапатало?

@shlapatalo: За ников појма неам. Некој ми рече значи баш си шлапатало…  пошо не знам да заќутам у одредени моменти. И би Шлапатало!

Од срце ти благодариме за одвоеното време за ова Твинтервју!